Состанок на работната група за процесот „Жан Моне, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува

Работна група за учество на Дијалогот Жан Моне (архивска фотографија)

Во Собранието денеска се одржува состанок на Работната група за учество на Дијалогот „Жан Моне“.

Состанокот го свика претседателот на Собранието Талат Џафери. Во групата членуваат претставници и координатори на пратеничките групи, дискусијата е фокусирана на промена или усвојување на нов Деловник за работа на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека нема да присуствува на средбата.

Тој вели деканема да присуствува на средбата поради тоа што тие не биле консултирани за денот и тајминог на продолжението на „Жан Моне“ процесот.

„Очигледно продолжението на Жан Моне е поради лошиот Извештај на ЕК за делот за Собрание. Она што денеска се случува е потврда за тоа. Состанокот се случува без консултации со опозоцијата и на него ќе присуствуваат само претставници на власта. Процес на носење на нов Деловник без ВМРО-ДПМНЕ не е кредибилен процес, истакна Мицевски.

За промената на собранискиот Деловник партиите долго време разговараат во рамки на процесот „Жан Моне.“

Претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите на крајот на октомври рече дека доколку не се промени собранискиот Деловник и во иднина ќе останат можностите за блокирање на Собранието.

Некои закони во Собранието зе заглавени и повеќе од две години. Тоа беше нотирано во Извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија (ЕК), каде се наведува дека работата на Парламентот е нарушена поради политичка поларизација.

Во однос на динамиката за промена на Деловникот, Џафери наведе дека партиите треба да работат на разгледување на триесетина членови, од Член 132 до Член 160, и да се дефинираат слабостите. За тоа треба сите партии да ги усогласат ставовите, а доколку постојат дилеми за одредени прашања, тие ќе бидат оставени отворени до последната средба за нивно кончено допрецизирање, вели Џафери.