Советникот за национална безбедност на САД Саливан: Одржувањето контакт со Кремљ е во интерес на САД

Советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливан

Советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливан потврди дека каналите за комуникација меѓу СА Д и Русија остануваат отворени и покрај војната во Украина, објави денеска Би-Би-Си.

Саливан, говорејќи во Њујорк на 7 ноември, рече дека е „во интерес“ на Вашингтон да одржува контакт со Кремљ.

Коментарите на Саливан дојдоа по извештајот на Волстрит журнал на 6 ноември дека тој одржал необјавени разговори со највисоките руски функционери во надеж дека ќе го намали ризикот руската инвазија врз Украина да се прелее или да ескалира во нуклеарен конфликт.

Во претходен медиумски извештај на Вашингтон пост, се вели дека Вашингтон приватно ја охрабрува Украина да сигнализира отвореност за преговори со Русија, додека Стејт департментот соопшти дека Москва ја ескалира војната и дека сериозно не сака да се вклучи во мировни преговори.

„Вашингтон пост“ цитира неименувани извори кои велат дека барањето на американските официјални лица немало за цел да ја турне Украина на преговарачка маса, туку дека станува збор за пресметан обид да се осигура дека Киев ќе ја задржи поддршката од другите нации.

Саливан на јавен настан во Њујорк изјави дека администрацијата на Бајден има „обврска да бара одговорност“ и вети дека ќе работи со меѓународните партнери за „да ги повика сторителите на тешки и гротескни воени злосторства во Украина одговорни за она што го направиле“.

Саливан не елаборираше за каналите за комуникација што ги одржуваат Вашингтон и Москва, но инсистираше на тоа дека американските власти имаат „јасни очи со кого имаме работа“, објави Би-Би-Си.

Саливан отпатува за Киев на 4 ноември и вети „непоколеблива“ поддршка на Вашингтон за Украина.

Неговата ненајавена посета се совпадна со најавата истиот ден од страна на американското Министерство за одбрана за уште една пратка оружје во Украина во вредност од 400 милиони долари.

„Бев во петокот во Киев и имав можност да се сретнам со претседателот [Володимир] Зеленски и мојот колега Андриј Јермак, со военото раководство и исто така да добијам брифинг за нивото на смрт и пустош што избувна од војната Путин во таа земја“, вели Саливан, пренесува Би-Би-Си на 7 ноември.

Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер одби да ги коментира извештаите на американските медиуми.

„Ги видов тие извештаи. Значи, знаете -- и, погледнете, луѓето тврдат многу работи за разговорите што ние - што САД ги имаат или ги немаат“, рече Жан-Пјер на брифингот со новинарите на 7 ноември, додавајќи „Немам конкретни разговори да ви читам“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 4 октомври потпиша указ со кој формално ја прогласи можноста за какви било разговори на Украина со рускиот претседател Владимир Путин за „невозможни“, но оставајќи ја вратата отворена за разговори со Русија.

Според извештајот на Волстрит журнал, Саливан одржал доверливи разговори во последните месеци со помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков и со секретарот на рускиот совет за безбедност, Николај Патрушев, кои не биле јавно обелоденети.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 7 ноември за новинарите изјави дека иако Русија останува „отворена“ за разговори, таа не е во можност да преговара со Киев поради одбивањето да разговара со Русија.