Најмалку 15.000 луѓе досега починале во Европа поради жештините во 2022 година, објави Светската здравствена организација, а меѓу најтешко погодените земји се Шпанија и Германија.
Трите месеци од јуни до август беа најтоплите во Европа досега, а екстремно високите температури доведоа до најлошата суша што континентот ја видел од средниот век.
„Врз основа на досега доставените податоци, се проценува дека најмалку 15.000 луѓе починале токму поради жештините во 2022 година“, изјави регионалниот директор на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
Тој додаде дека речиси 4.000 смртни случаи се регистрирани во Шпанија, повеќе од 1.000 во Португалија, повеќе од 3.200 во Обединетото Кралство и околу 4.500 смртни случаи во Германија. Ова се бројките што ги објавија здравствените власти во текот на трите месеци за време на летото.
Гутереш - Се наоѓаме на автопат кон климатски пекол
„Оваа проценка се очекува да се зголеми бидејќи повеќе земји пријавуваат смртни случаи поврзани со топлина“, се вели во соопштението.
Сушата во текот на летото предизвика рекорден интензитет на шумски пожари и изврши сериозен притисок врз електричната мрежа во Европа.
Топлотните бранови меѓу јуни и јули, кога температурите достигнаа за прв пат достигнаа 40 степени Целзиусови за во Британија, доведоа до околу 24.000 смртни случаи во Европа.
„Топлинскиот стрес, кога телото не може да се олади, е водечка причина за смртни случаи поврзани со временските услови во европскиот регион“, соопшти Светската здравствена организација.
Во соопштението се додава дека екстремните температури можат да бидат опасни за луѓето кои страдаат од хронични срцеви заболувања, проблеми со дишењето и дијабетес.
Светската здравствена организација соопшти дека зголемувањето на топлотните бранови и другите екстремни временски настани „ќе доведат до повеќе болести и смртни случаи“ во наредните децении, доколку не се преземат „драстични“ мерки.