Политичари и готвачи

РУСИЈА - Евгениј Пригожин, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин призна дека Москва се меша во изборите во САД. Во објава на неговиот канал на социјалната мрежа Телеграм, Пригожин нашироко познат како „Готвач на Путин“ за угостителските договори на неговата компанија со Кремљ, како одговор на прашање од следбеник за руските напори со цел да се влијае на изборите во САД рече дека „се мешавме, се мешаме и ќе се мешаме“.

МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи Бујар Османи пред утрешните средби во Бугарија изјави дека ќе го покрене и прашањето за отворањето на Македонскиот културен центар во Благоевград. Тоа, според него, би било во функција на заемната промоција на културата во двете држави.

ЕРМЕНИЈА / АЗЕРБЕЈЏАН - Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето долж нивната граница пред почетокот на уште една рунда разговори меѓу двата ривали. Новите тензии доаѓаат во услови кога ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов треба да се сретнат во Вашингтон на мировни преговори. Нивен домаќин е американскиот државен секретар Антони Блинкен.

КОСОВО - Без разлика на настаните за време на викендот, работата на институциите на север продолжува, изјави косовскиот премиер Албин Курти на денешната прес-конференција. Неговиот коментар доаѓа по одлуката на претставниците на српската заедница во Косово да се повлечат од работата во институциите во Косово поради одлуката на Владата да започне со менување на регистарските таблички на северот од земјата.

МАКЕДОНИЈА - Гостиварскиот обвинител Ислам Абази е избран за нов шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција- ОЈО ГОКК откако тој доби највеќе гласови од своите колеги. Абази освои 66 гласови.

МАКЕДОНИЈА - Претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, денеска по лидерската средба во Собранието изјави дека она што може да го заклучи е дека владејачкото мнозинство нема мнозинство за уставни измени. Претседателот на ДУИ, Али Ахмети по лидерската средба во Собранието истакна дека се дебатирало за сите теми и имало разлики во ставовите. Премиерот Димитар Ковачевски по денешната лидерска средба во Собранието изјави дека не биле постигнати заеднички заклучоци.

ЕУ - Портпаролот на Европската унија, Петер Стано изјави дека приоритет во случајот со Косово и Србија е деескалација на терен бидејќи во спротивно, тоа може да има последици не само во Белград и Приштина, туку и во регионот.

МАКЕДОНИЈА - Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека од продажба се повлекуваат 20 тони млеко „МИЛКАНО“ со 3,2 отсто масленост, кое е увезено од БиХ, поради утврдено присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм, согласно македонските прописи.

СРБИЈА - Треба да се симнат маските за да се види дали има Бриселски договор, чија имплементација е одговорност на Брисел, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ. „По девет години одбивање да се формира Заедницата на српските општини, треба да видиме дали некој размислува за спроведување на Бриселскиот договор, бидејќи затоа го потпишавме“, рече Дачиќ во гостувањето во дневникот на РТС.

УКРАИНА - Украина денеска објави дека добила повеќе системи за противвоздушна одбрана од нејзините западни воени сојузници, велејќи дека оружјето ќе помогне во одбраната од руските напади кои во последните неколку недели се насочени кон енергетската инфраструктура на земјата.

ЕГИПЕТ - Повеќе од сто светски лидери денеска се состанаа во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, на самитот за климатски промени - КОП27. Меѓутоа, повеќето од светски лидери се состануваат на дводневниот самит кога САД се подготвуваат да гласаат на изборите во вторник, што значи дека американските политичари се фокусирани на домашните прашања.