Ерменија и Азербејџан со меѓусебни обвинувања пред мировните преговори

Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов

Ерменија и Азербејџан меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето долж нивната граница пред почетокот на уште една рунда разговори меѓу двата ривали. Новите тензии доаѓаат во услови кога ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов треба да се сретнат во Вашингтон на мировни преговори. Нивен домаќин е американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Соединетите Американски Држави и Европската Унија ги засилија напорите да посредуваат во разговорите меѓу Ерменија и Азербејџан.

„Азербејџанските сили отворија оган врз ерменските позиции во источниот сектор на ерменско-азербејџанската граница“, се вели во соопштението на ерменското Министерство за одбрана.

Во соопштението се додава дека „нема жртви, а ситуацијата на фронтот е релативно стабилна“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска ги повика двете страни „да се воздржат од акции и чекори кои можат да доведат до ескалација на тензиите.
Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со ерменскиот премиер Никол Пашинијан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во руското црноморско одморалиште Сочи на 31 октомври, еден месец по најтешките судири меѓу кавкаските соседи откако тие водеа крвава војна во 2020 година.

Ерменија и Азербејџан со години се заглавени во конфликт околу отцепениот регион Нагорно-Карабах. Сепаратистите поддржани од Ерменците го зазедоа од Азербејџан регионот населен главно со Ерменци за време на војната во раните 1990-ти, во која загинаа околу 30.000 луѓе.