Ахмети: Се дебатираше за сите теми, приоритет Уставните измени

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети по лидерската средба во Собранието истакна дека се дебатирало за сите теми и имало разлики во ставовите. Тој изрази надеж дека ќе се продолжи со ваквите средби се до приближување на разликите за да се гради заедничка стратегија за тоа како да се промени денешницата и да се оствари напредок во иднина.

„Доминираше смиреноста и рационалноста и тоа ми остави впечаток од оваа средба. Посакувам оваа смиреност да продолжи до приближување на разликите меѓу мнозинството и малцинството“, рече Ахмети.

Доколку се отвораат прашања кои што припаѓаат на минатото, тешко дека ќе може земјата да се определи за иднината, порачал Ахмети на средбата.

„И секое минато кое што ќе се отвори не служи на иднината и не служи на идните генерации. И поколенија. Ние имаме потреба од повеќе конкретни чекори кон Европската унија, и ние сме тие кои што бараме да бидеме дел од оваа унија, затоа што нам ни се поставуваат услови за членство- владеење на правото, судски реформи, борбата против криминалот и корупцијата и никој над законот. Доколку ги исполниме овие услови, не само на телевизиските екрани говорејќи поетски изрази, туку делувајќи институционално до целосен вистински ветинг за нашата држава да зачекори и да напредува напред“, посочи Ахмети.

На новинарско прашање дали на средбата е разговарано и за барањето за бришење на формулацијата „20 проценти“ од Уставот, Ахмети рече дека станало збор и за тоа барање.

„Да, се разговараше, меѓутоа над се приоритет се даде на уставните измени и штом се отвори една таква дискусија се разбира дека треба да се видат приоритетите во ситуацијата во која се наоѓаме и за тоа ќе градиме ставови околу оваа прашање“, рече тој.

Ахмети додаде не смета дека оти тоа што се случува во северот на Косово може да влијае во земјава.

Премиерот Димитар Ковачевски по денешната лидерска средба во Собранието изјави дека не биле постигнати заеднички заклучоци. На средбата, како што посочи, сите политички лидери ги кажале своите ставови кои дел се познати во јавноста, меѓудругото и за измени на Уставот, а тоа било на ниво на предлози.