Премиерот Димитар Ковачевски по денешната лидерска средба во Собранието изјави дека не биле постигнати заеднички заклучоци. Тој притоа информираше дека неговите заклучоци се однесуваат на тоа дека политичките партии кои се дел од Парламент се согласни дека европскиот процес согласно со стратешката определба за членство во ЕУ е надпартиски и инклузивен процес. Потоа дека согласно националниот интерес за членство во ЕУ сите чинители во Собранието треба да дадат целосно поддршка на евроинтегративниот процес. Политичките партии да учествуваат во давање поддршка и спроведување на реформите. Следно, според него, е при водење на преговори доследно да се придружуваат кон почитување кон јазичните, идентитетските, културните и историските особености на македонскиот народ и Собранието редовно да биде информирано и координирано за скрининг процесот.
„Тоа се сепак заклучоци кои што јас ги кажувам во мое име. Тоа не беа заклучоци кои беа усвоени од сите лидери на политички партии“, рече Ковачевски и на потпрашање на новинарите дека немаат заеднички заклучоци кратко одговори „Нема“.
Тој рече и дека дискусијата била отворена и смета дека така треба да продолжи и во иднина. На средбата, како што посочи, сите политички лидери ги кажале своите ставови кои дел се познати во јавноста, меѓудругото и за измени на Уставот, а тоа било на ниво на предлози.
„Денеска на средбата не беа носени одлуки врз основа на кои можеме да кажеме дека нешто што било предложено било и усвоено. Сепак најголемата придобивка е дека сите на една маса седнавме и можевме да го размениме мислењето и ставовите на секој политички лидер во однос на европскиот пат на нашата држава“, рече премиерот.
Во однос на тоа дали биле побарани гаранции од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за внесувањето на Бугарите во Уставот рече дека не би сакал да зборува во име на лидерите заради политичка коректност и задржување на ниво на етичност и затоа нема да дава коментари кој што кажал на средбата.
„Разговаравме за потребата и дека таа дискусија треба да продолжи и во иднина“, додаде тој.
На средбата, како што посочи премиерот, станало збор за државните стратешки цели и приоритети, како и за следни чекори и одлуки во нареден период кои се однесуваат на европската иднина на земјата, а притоа ги запознал со состојбите за енергетската криза и мерките кои се преземаат, како и за владеење на правото, борба со криминал и корупција и блокирани закони во Собрание. Тој порача дека пред земјата стојат многу предизвици и ја истакнал потребата за непречено функционирање на Собранието, при што придонес треба да дадат сите партии.