Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги- РКЕ, Марко Бислимоски денеска изјави дека заклучно со 30 јуни годинава бил направен непланиран увоз на струја од 30 милиони евра. Според него, увозот е направен поради трендот на преминување од слободниот на регулираниот пазар на електрична енергија, кој прво започнал со општините.
„Започнувајќи од 1 јули до сега, до почеток на ноември, не е направен никаков увоз“, изјави Бислимоски во гостување на Блумберг адриа.
Според нето, тие количини на струја, наместо ЕСМ да ги пласира на регулираниот пазар по цена од 48 евра за мегават час, ги произведувал за да ја задоволи потребата на овие општинските претпријатија и останатите компании кои први почнаа со трендот на миграција од слободен на регулиран пазар. Тој додава дека оваа количина на електрична енергија ЕСМ можел да ја продава и на слободниот пазар по многу повисоки цени.
„Добро е што овој тренд ќе престане со тоа што ќе се донесе посебна одлука и секој ќе си биде на делот од пазарот каде што реално треба да биде“, потенцира Бислимоски.