Од продажба се повлекува небезбедно млеко увезено од БиХ

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека од продажба се повлекуваат 20 тони млеко „МИЛКАНО“ со 3,2 отсто масленост, кое е увезено од БиХ, поради утврдено присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените количини од 0,05 микрограми на килограм, согласно македонските прописи.

Млекото ќе се врати кај производителот доколку надлежните ветеринарни власти од БиХ прифатат, а во спротивно, ќе биде уништено на депонијата Дрисла.

„Потрошувачите кои имаат купено УХТ млеко од брендот „МИЛКАНО“ со наведениот лот и рок на употреба, апелираме да не го употребуваат, туку да го вратат на местото каде што е купен“, соопштија од агенцијата.

Според агенцијата, станува збор за резултат добиен во рамки на мониторинг програмата за безбедност на храната, која покрај редовните и вонредните контроли, се спроведува секоја година. Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека сите останати производи од овој бренд се безбедни, со исклучок на млекото со наведениот лот и рок на употреба.

Маркетот Стокомак кој е увозник на млекото на официјалната Фејсбук страница ги повика купувачите да го вратат млекото во нивните маркети, при што ќе им биде надоместени потрошените пари. Оттаму информираа дека повеќе нема да соработуваат со млекарата.