Треба да се симнат маските за да се види дали има Бриселски договор, чија имплементација е одговорност на Брисел, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
„По девет години одбивање да се формира Заедницата на српските општини, треба да видиме дали некој размислува за спроведување на Бриселскиот договор, бидејќи затоа го потпишавме“, рече Дачиќ во гостувањето во дневникот на РТС.
Дачиќ рече дека Србија се бори за заштита на Бриселскиот договор и дека „ќе направи се за да го зачува мирот“.
Договорот од Брисел, кој Косово и Србија го постигнаа во 2013 година како дел од дијалогот за нормализација на односите, го отвори патот за интеграција на Србите од северот во важни косовски структури, како што се полицијата и судството.
Претставниците на Србите на 5 ноември поднесоа оставки во локалните самоуправи на северот на Косово, во судството, полицијата и Владата и Собранието.
Одлуката беше донесена откако косовските власти почнаа да го спроведуваат планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.
Во врска со излегувањето на Србите од косовските институции, шефот на српската дипломатија рече дека тоа е историска одлука и форма на народен отпор кон избегнувањето да се формира Заедницата на српски општини (ЗСО).
„На Европската унија ѝ велам дека е нивна е обврска да формираат ЗСО, не само на Курти. Кетрин Ештон го потпиша, ако тоа не е вистина тогаш и мене ме излажавте“, рече Дачиќ.
На прашањето дали Западот ќе може да изврши притисок врз Приштина, Дачиќ рече дека е или импотенција или премолчена согласност на САД и ЕУ ако не можат да излезат на крај со Курти.
Тој потсети дека КФОР е на Косово, и дека е неопходно да се почитува Резолуцијата 1244.
КФОР ги претставува официјалните вооружени меѓународни мировни сили под водство на НАТО, додека ЕУЛЕКС е мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово.
„Или ќе постапат во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, за да гарантираат мир и безбедност, или јасно ќе покажат дека повеќе не ги интересира тоа бидејќи отворено се на страната на Приштина“ изјави Дачиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ден претходно изјави дека се надева оти САД ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициските работи на северот на Косово, по одлуката на Србите да ги напуштат институциите.
„Мислам дека тоа може да придонесе за мирот“, рече Вучиќ.
Косово прогласи независност во 2008 година, којашто Србија не ја признава. Затоа на терен и покрај потпишаните договори кои дефинираат различни прашања, често има несогласувања меѓу двете страни или различни толкувања.