Украина доби повеќе системи за противвоздушна одбрана

Противвоздушните системи НАСАМС пристигнаа во Украина (илустративна фотографија).

Украина денеска објави дека добила повеќе системи за противвоздушна одбрана од нејзините западни воени сојузници, велејќи дека оружјето ќе помогне во одбраната од руските напади кои во последните неколку недели се насочени кон енергетската инфраструктура на земјата.

„Системите за воздушна одбрана НАСАМС и Аспид пристигнаа во Украина! Ова оружје значително ќе ја зајакне украинската армија и ќе го направи нашето небо побезбедно“, изјави министерот за одбрана Олексеј Резников на социјалните мрежи.

„Ќе продолжиме да соборуваме непријателски цели кои не напаѓаат. Им благодариме на нашите партнери - Норвешка, Шпанија и САД“, додаде Резников.

Руските напади во текот на минатиот месец уништија околу една третина од украинските електрани, а владата ги повика Украинците да ја зачуваат електричната енергија што е можно повеќе.

Властите во Киев денеска соопштија дека ситуацијата околу способноста на градот да ги снабдува жителите со енергија и понатаму е „предизвикувачка“ и ги повикаа Украинците во главниот град да ја ограничат нивната употреба на електрична енергија во одредени периоди од денот.

„Ги замолуваме сите жители на регионот да ги поддржат работниците во борбата на енергетскиот фронт“, се вели во платформата за социјални медиуми Телеграм.

Резников минатиот месец изјави дека Украина го добила првиот одбранбен систем Ирис-Т од Германија.

Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.