Претседателот на Беса Биљал Касами нема да учествува на денешната лидерска средба во Собранието.
Тој на прес-конференција во седиштето на партијата во Скопје образложи дека нема да учествува на средбата, бидејќи смета дека таа е „формалност за да се спаси ДУИ од обврската да седне на маса со претставниците на албанските партии.“
„Претставникот на ДУИ требаше да даде отчет за реализација за преземените обврски со договорот, во кој како услов беше вклучување на албанскиот јазик во Уставот на земјата“, рече Касами.
Беса е маѓу партиите од албанскиот политички блок кои бараат доколку биде отворен Уставот за да се внесат Бугарите и другите народи во Преамбулата, истовремено да биде избришана и формулацијата „20 проценти“ за да биде заменета со албански народ, албански јазик.
Во оваа насока Беса најави дека за случајот со дефиницијата „20 проценти“ и дефинирањето на албански јазик ќе испрати покана до партиите од албанскиот блок за одржување на состанок со цел обединување на „албанскиот политички фактор за да се отстранат погрдните поими како што е согласно нашите заеднички определби“. Но, од ДУИ за ваквата иницијативата на Беса рекоа дека сега не е момент за овие промени, односно дека оваа промена на Уставот спред нив треба да се случи во нормален политички процес.
Касами на денешната прес-конференција изјави дека Беса секогаш останува отворена и подготвена на соочување преку дијалог да ги реши прашањата за правата на народите кои се од витално значење и меѓународно загарантирани.
„Повторуваме дека немаме дилеми во интегративните ориентации, но нема да дозволиме албанскиот народ да биде третиран со понижување во Уставот на државата. Ние сме државотворен народ и како такви ќе мора да бидеме третирани и почитувани од законите во државата, рече Касами.
Во однос на иницираната средба од Движењето БЕСА до сите албански политички партии, Касами рече дека ниту една од партиите не одговорила позитивно.
Денешната лидерска средба во Собранието минатата недела ја свика премиерот Димитар Ковачевски, како што беше најавено од Владата, за претседателите на парламентарните партии да разговараат за одлуките кои треба да се носат со широк консензус, односно за внесувањето на Бугарите и другите народи во Преамбулата на Уставот.
За отворањето на Уставот е потребно да гласаат 80 пратеници и е услов којшто го прифатија Бугарија и Македонија како дел од францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.
Бугарија пред неколку месеци го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.