Повеќе од сто светски лидери денеска се состанаа во египетското одморалиште Шарм ел Шеик, на самитот за климатски промени - КОП27.
Меѓутоа, повеќето од светски лидери се состануваат на дводневниот самит кога САД се подготвуваат да гласаат на изборите во вторник, што значи дека американските политичари се фокусирани на домашните прашања.
Претседателот Џо Бајден доаѓа во Египет неколку дена подоцна од многу негови колеги.
Шефот на Обединетите нации (ОН) за климата, Сајмон Стил, во неделата рече дека верува дека ќе има доволно лидери на самитот за да се добие позитивен резултат.
Сепак, поранешниот американски преговарач за климатски промени Најџел Первис рече дека имало „големи климатски самити и мали самити за климата и дека овој никогаш не се очекуваше да биде голем“.
Научниците нагласуваат дека климатските промени се најголемиот предизвик со кој се соочува планетата Земја, но аналитичарите не очекуваат големи резултати од самитот кој официјално беше отворен во неделата на 6 ноември и ќе трае до 18 ноември.
Речиси 50 шефови на држави и влади во текот на првиот ден од разговорите ќе разговараат на „повисоко ниво“ за климатските промени, а следниот ден се очекува уште поголем број.
Аналитичарите веруваат дека повеќето од нив ќе зборуваат за катастрофите предизвикани од климатските промени и дека меѓу нив ќе биде и пакистанскиот премиер Мухамед Шариф, во чија земја летово поплавите предизвикаа штети од најмалку 40 милијарди долари и раселија неколку милиони луѓе.
Станува збор за 27-та редовна конференција на потписничките на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени од 1992 година, а на дневен ред ќе има повеќе теми кои веќе беа дискутирани на претходната конференција КОП26, која се одржа во ноември 2021 година во Глазгов, Шкотска.
Станува збор за итно намалување на емисијата на штетни гасови, за градење на отпорност и прилагодување на неизбежните последици од климатските промени и за исполнување на ветената финансиска поддршка за борба против климатските промени.