Обвинителите избираат нов шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција

Основното јавно обвинителство

Јавните обвинители од Македонија денеска избираат нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на oрганизиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). 136 јавни обвинители имаат право да гласаат за некој од четворица кандидати Деса Пауновска и Ислам Абази, кои доаѓаат од Вишото обвинителство – Гостивар, Ермон Незири од скопското Обвинителство и претходно суспендираната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска.

Гласањето ќе се спроведе во текот на работното време од 8 до 16 часот на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава.

Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

По денешното гласање Советот на Јавни обвинители во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител кој добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати.

Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.

Рускоска во август годинава беше суспендирана. Како што соопшти тогаш јавниот обвинител Љубомир Јовески предлогот за поведување дисциплинска постапка е поднесен за утврдување одговорност за Рускоска и уште двајца јавни обвинители, за кои постоело сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство.

Ова следуваше откако претходно шефот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против Рускоска во врска со претрес кој бил изврешен во Управата. Освен за Русковска, поднесени беа пријави и против обвинителките од Обвинителството за гонење организиран криминал Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска кои го извршиле претресот.

Финансиската полиција претходно објави дека обвинителите доставиле до Судот лажни податоци за да добијат налог за претрес, со што е прекршен Законот за кривична постапка.

Неколку дена потоа од Управата за Финансиска полиција се повлече и Арафат Муареми.