Вучиќ се надева дека КФОР и ЕУЛЕКС ќе ја преземат полициската работа на северот на Косово

Претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека се надева оти САД ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициските работи на северот на Косово, по одлуката на Србите да ги напуштат институциите.

„Мислам дека тоа може да придонесе за мирот. Ако (Американците) мислат тоа да го прават Албанците, а тоа не е во согласност со Бриселскиот договор и волјата на народот, стравувам дека тоа ќе води кон катастрофа “ изјави Вучиќ синоќа за телевизија Пинк 6.

КФОР ги претставува официјалните вооружени меѓународни мировни сили под водство на НАТО, додека ЕУЛЕКС е мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово.

Претставниците на Србите на 5 ноември поднесоа оставки во локалните самоуправи на северот на Косово, во судството, полицијата и Владата и Собранието.

Одлуката беше донесена откако косовските власти почнаа да го спроведуваат планот за пререгистрација на возила со регистарски таблички издадени од српските власти.

Вучиќ на 6 ноември рече дека е важно Србија да се однесува „сериозно и одговорно“.

„Зборуваме за големи политички тектонски промени. По десет години Србите донесоа одлука да ги напуштат институциите на Приштина“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател изјави дека за Србија е важно да ги зачува мирот и стабилноста.

Тој рече и дека има „бесмислени приказни“ дека Србите ги напуштиле косовските институции по наредба од Белград.

Вучиќ рече и дека косовските власти ја примениле „најлошата можна опција“ кога станува збор за табличките.

„Пред се за да нè укорува и нè понижува. Потоа ќе ве казниме финансиски. После тоа ќе ви ги одземеме регистарските таблички, а потоа и автомобилите“, рече Вучиќ.

Претседателот на Србија рече дека Србите ќе се вратат во институциите кога ќе се формира Заедницата на српските општини и кога ќе се повлече одлуката за таблиците.

Косовскиот премиер Албин Курти на 6 ноември го повтори повикот до косовските Срби да не ги напуштаат институциите, бидејќи, како што рече, тоа ќе го ослабне давањето услуги на граѓаните.

Курти оцени дека официјален Белград сака да ја дестабилизира ситуацијата на Косово преку делувањето на Српската листа.