Во Северна Митровица, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово, започнаа протести кои претходно беа повикани од Српска листа, водечката партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград.
Српската листа претходно објави дека „средбата“ се одржува со цел да се покаже единство и едногласно да и порачаат на Европа дека Србија е нивна земја.
Ден претходно, во северните општини, на јавни места можеа да се забележат излепени покани, со кои се повикуваат граѓаните да го истакнат знамето на Србија на својот приватен имот, а тие веќе беа закачени на јавните површини.
Овој протест доаѓа еден ден откако претставниците на Србите од северот на Косово одлучија да ги напуштат сите институции на Косово, Владата, Собранието, локалната самоуправа, судството и полицијата.
Како што изјави претседателот на Српската листа, Горан Ракиќ, одлуката за напуштање на институциите ќе биде на сила се додека „Приштина не почне да го почитува меѓународното јавно право и договорите договорени во Брисел“.
Исто така, побарано е Владата на Косово да ја повлече одлуката за пререгистрација на табличките со ознаки на градови во Косово издадени од Србија, кои се незаконски за Косово. Се работи за таблички на КМ (Косовска Митровица), од кои во северните општини има околу 9.000.
- Косовската полиција негира дека специјалци се упатиле на север
- Борел: Настаните во Косово ја доведуваат во опасност напорната работа
На 1 ноември, Владата на Косово почна да го спроведува својот план за пререгистрација, откако меѓународната заедница побара процесот да се одложи за десет месеци. Според планот на косовските власти, од април следната година во Косово треба да бидат во употреба само регистарските таблички РКС (Република Косово).
Ваквата одлука на север не сакаше да ја спроведе директорот на полицијата за северниот регион, Ненад Ѓуриќ, кој поради тоа беше суспендиран.
Во меѓувреме, косовскиот премиер Албин Курти ги повика припадниците на српската заедница да не ги бојкотираат или напуштаат косовските институции, да не бидат „жртва на политички манипулации и геополитички игри“. Тој повика и на „смиреност, безбедност и мир“.