Косовската полиција негира дека специјалци се упатиле на север

илустрација

Полицијата на Косово ги негира пишувањата во некои српски медиуми дека припадници на специјалната единица се упатиле на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, откако вчера Србите одлучија да ги напуштат косовските институции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението доставено до медиумите, се вели дека „полициските единици на јавниот ред и оние пограничните, согласно службената должност патролираат/се движат на терен зависно од ангажманите и задачите, но нема вклученост или испраќање на специјални единици на север“.

„Според потребите и операциските оценки полицијата ќе го ангажира својот персонал, со цел извршување на законските задачи и овластувања, во функција на гарантирањето на севкупната безбедност во земјата, како и нудењето безбедност за сите граѓани, без оглед на нивната припадност“, се вели во соопштението.

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа (СЛ) одлучи вчера да ги повлече своите членови од институциите на Косово, поради најавите од владата на Албин Курти дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистрерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.

Лидерот на СЛ, Горан Ракиќ, кој исто така поднесе оставка од функцијата министер за заедници и враќање во владата на Курти, порача дека Србите ќе останат надвор од институциите сé додека не се повлече одлуката за табличките и не се формира заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово.

Со реакција се јави и косовскиот премиер Албин Курти. Во објавата на Фејсбук на албански и српски јазик, Курти синоќа им порача на припадниците на српското малцинтво во земјата дека тој не е против нив, туку властите во Србија се против него.

„Ги повикувам сите српски граѓани во Косово да ги зачуваат мирот и безбедноста. Јас не сум премиер против вас, туку Белград е против мене. Јас сум премиер кој ќе ви служи вам, почитувајќи ги уставноста и законитоста на Република Косово. Мој приоритет се борбата против корупцијата, значи правдата и економскиот развој, односно вработувањето, еднаквоста и добросостојбата за сите, без оглед на етничката припадност, верата или потеклото,“ напиша Курти.

Повикувајќи ги Србите да не ги бојкотираат косовските институции, Курти порача дека се работи за „политички манипулации и геополитички игри“ од страна на српскиот државен врв, предводен од претседателот Александар Вучиќ.