Сајтот на бугарското разузнавање нападнат од руски хакери

илустрација

Руската хакерска група Килнет ја нападна веб-страницата на бугарската државна разузнавачка агенција (ДАР), објавија локалните медиуми.

Станува збор за хакерски напад DDoS кој привремено го отежна пристапот до веб-страницата на агенцијата. Покрај веб-страницата на бугарското разузнавање, нападнати се и сајтовите на разузнавачките агенции на Полска, Романија, Молдавија и Естонија, пренесува дописникот на МИА од Софија.

Руската хакерска група Килнет, зад чија организација се претпоставува дека стојат руските власти, соопшти за нападот на својот канал Телеграм.

Според соопштението, актуелниот напад е извршен во саботата и „е поздрав до сите руски разузнавачи“ по повод празникот на руското воено разузнавање.

Владиниот портпарол Антон Кутев потврди дека за кратко време не функционирала веб-страницата на Државната разузнавачка агенција и дека немало протекување податоци.

Пред еден месец, истата руска група ги нападна и веб-страниците на бугарската претседателска институција и Министерството за внатрешни работи, како и водечки медиуми во земјата.