Борел: Настаните во Косово ја доведуваат во опасност напорната работа

Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел

Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел оцени дека настаните во односите меѓу Косово и Србија ја загрозуваат долгогодишната напорна работа и постигнатото во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина и ја комплицираат безбедносната ситуација во регионот и пошироко.

Европската унија, додаде Борел во изјавата, ги повикува двете страни да се воздржат од какви било унилатерални дејства што би можеле да доведат до дополнителни тензии.

Борел додаде дека повлекувањето на косовските Срби од косовските институции не е решение за актуелните спорови и ги повика Србија и претставниците на косовските Срби да ги почитуваат обврските од дијалогот и да се вратат во косовските институции, вклучително и полицијата, судството и локалната администрација.

Во исто време, ЕУ уште еднаш ги повикува косовските власти да ги почитуваат своите обврски без одлагање, што значи итно продолжување на процесот на пререгистрација на возилата и суспендирање на какви било казнени дејствија против сопствениците на табличките КМ, истакна Борел во писмената изјава.

„ЕУ, исто така, го повикува Косово веднаш да презеде чекори за формирањето на Заедницата на српските општини,“ вели Борел.

Собранието на Косово го ратификуваше Бриселскиот договор, а Уставниот суд на Косово одлучи Унијата да се формира, рече Борел и наведе дека затоа тоа е законска обврска за Косово. Борел додаде дека одговорност на двете страни е да обезбедат мир и стабилност.

„Секое дејствие, како палење автомобили или застрашувачка реторика што може да доведе до тензии се неприфатливи и ќе предизвикаат соодветен одговор од меѓународната заедница“, додаде тој.

Како што нагласи, ЕУЛЕКС е подготвен да обезбеди стабилност на Косово.

Претставниците на Србите од северот на Косово вчера одлучија да ги напуштат институциите на Косово. Тие соопштија дека одлуката за напуштање и суспендирање на институциите остануваат во сила се до моментот додека „Приштина не почне да го почитува меѓународното јавно право и договорите договорени во Брисел“.