Воздушна опасност во цела Украина

илустрација

Воздушна закана поради напад на руската армија е прогласена низ цела Украина, соопштија властите во Киев на 5 ноември.

Украинската агенција „Униан“ објави дека во текот на ноќта биле испукани гранати врз неколку општини во областите Дњепропетровск и Запорожје.

Валентин Резниченко, шеф на регионалната воена управа на Днепропетровск, објави дека во текот на ноќта биле истрелани 40 проектили врз областа Никопол и дека цел биле Красногригориевск и Марганец.

Во обид на Кремљ да ја зајакне својата војска за војната во Украина, претседателот на Русија Владимир Путин на 4 ноември потпиша закон со кој се овластува воена мобилизација на граѓаните кои извршиле тешки злосторства.

Меѓународните медиуми наведуваат дека со овој чин се отворила можност за мобилизирање на лица за кои во јавноста се недостапни информации за тешки кривични дела извршени од нив.

Путин рече дека 318.000 луѓе биле регрутирани откако тој ја најави мобилизацијата во септември, вклучително и 18.000 волонтери.

Русија ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари оваа година.

Во меѓувреме, Вашингтон најави нова воена помош за Киев во вредност од 400 милиони долари. Холандија најави дека ќе испорача воена опрема, вклучително и 90 тенкови, заедно со Соединетите Американски Држави и Чешка на Украина.

Групата економски најразвиени земји во светот Г7 и Австралија на состанокот во Германија се договорија да одредат фиксна цена за руската нафта.

Претставникот на американскиот Стејт департмент Џејмс О'Брајан, кој е задолжен за координација на санкциите против Русија, изјави дека мерката треба да почне да се применува на 5 декември.