Уапсени 382 лица кои делувале на Балканот во акција на Европол

Во рамки на меѓународна операција на крајот на минатиот месец биле уапсени 382 лица, осомничени за трговија со дрога, луѓе и оружје, кои главно дејствувале на Балканот и во Југоисточна Европа, соопшти денеска Европол, организација на Европската Унија надлежна за спроведување на законот, која работи со криминалистичко-разузнавачки информации.

Оваа институција е задолжена за за подобрување на соработката помеѓу надлежните органи на земјите членки во спречувањето и борбата против организираниот и сериозен криминал и тероризмот.

Од приведените 159 се осомничени за трговија со мигранти, 112 за трговија со дрога, 38 за трговија со огнено оружје и двајца за трговија со луѓе, соопштија од Европол во врска со операцијата во која учествувале полициските служби на 28 земји.

Регистрирани се 2.500 нелегални влегувања на територијата на Европската унија и запленети се 106 парчиња огнено оружје. Запленети се и 304 килограми хероин, 147 килограми канабис и 1,3 килограми кокаин.

Балканската рута преку која илјадници транспортни возила влегуваат на територијата на Европската унија, активно се користи за илегална трговија со луѓе, огнено оружје и дрога до европските земји, посочуваат од Европол.