Лажни дојави се заканите што денеска по електронска пошта ги добиле четири училишта во Скопје за наводно поставени експлозивни направи. Тоа е утврдено откако се направени сите потребни проверки, информира попладнево Министерството за внатрешни работи.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, се наведува во соопштението на МВР.
Лажни закани со бомби - Кој ќе го фати испраќачот на мејлот од Протон?
Полицијата во средата повика на разговор едно лице од Скопје во врска со заканите, но лицето беше веднаш пуштено и од обвинителството кажаа дека не е поврзано со испратените закани.
МВР завчера доби пријави од девет училишта на територија на главниот град дека на нивните електронски адреси добиле порака со закана за поставена бомби, а по завршените антитерористички проверки беше утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Девет училишта и минатата недела неколку дена по ред на нивните електронските адреси добиваа дојави за бомби, кои по проверката од страна на МВР се потврди дека се лажни.