Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се дозволува воена мобилизација на луѓе кои извршиле сериозни злосторства додека Кремљ продолжува да собира војници за својата војна во Украина во услови на неколку неодамнешни неуспеси.
Говорејќи пред членовите на младинските и волонтерски организации во Москва на 4 ноември, Путин изјави дека 318.000 мажи се приклучиле да се борат откако тој најави мобилизација во земјата во септември, вклучувајќи 18.000 кои биле волонтери.
Говорот на Путин беше само неколку часа откако тој го потпиша законот за мобилизација за луѓе со криминални досиеја, вклучително и оние кои извршиле сериозни кривични дела, исклучувајќи ги оние кои се осудени за сексуална злоупотреба на деца, предавство, шпионирање или тероризам.
„Колку што знам, 49.000 од мобилизираните веќе извршуваат борбени задачи додека другите се на обука“, изјави Путин.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Русија првично окупираше широки делови од Украина по нејзината целосна инвазија во февруари, но со месеци претрпе значителни загуби поради украинска контраофанзива.
Десетици илјади руски мажи ја напуштија земјата веднаш по објавувањето на мобилизацијата, додека спорадични протести кои беа брзо прекинати од безбедносните сили, беа забележани во многу делови на Русија.
Во меѓувреме, десетици видеа покажаа дека оние кои беа мобилизирани се жалат на недостаток на храна, облека, опрема и капацитети за домување.
Некои се пожалија дека никогаш не служеле во воените сили, но сепак биле регрутирани, додека Путин рече дека ќе бидат мобилизирани само Русите кои служеле во армијата и имаат борбено искуство.