Бугарската потпретседателка Јотова во посета на Битола

Архивска фотографија, Бугарскиот претседател Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова

Најавена е посета на потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на Битола. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека посетата на Јотова е добредојдена ако е со чесни намери, и дека тој не би сакал да верува дека тоа е провокација.

„Доколку нема чесна намера и доколку оваа посета се користи за политичка провокација, тогаш треба да наиде на осуда од страна на властите, на осуда на граѓаните од Битола и од сите политички и општествени чинители. Но јас сум уверен и се надевам дека посетата е од приватен карактер и е со добра намера, а не со намера да се испровоцира скандал и реакција од страна на овој мирољубив народ, изјави денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Јотова во Битола доаѓа на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на градот, но засега нема објавена официјална агенда за нејзината посета. Посетата доаѓа по измените на законот за здруженија кои настанаа пред два дена. Со овие измени директно се засегнати бугарските здруженија во земјава, Иван Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид. Тие имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар, откако македонското Собрание на 2 ноември изгласа измени на Законот за здруженија и фондации, со кои се забранува именување здруженија според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам.

Секторот за внатрешни работи - Битола денеска соопшти дека денеска и утре на територијата на Битола и околината, која е во нивна надлежност, ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот поради денешната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова и утрешната посета на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на годишнината од постоењето на РЕК „Битола“.