ЕСМ ќе тестира дали скопските топлани Исток и Запад можат да работат на дизел

ЕСМ.

АД ЕСМ по 15 ноември ќе изврши тест дали двете топлани Исток и Запад во Скопје ќе можат да работат на дизел гориво.

Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека ќе го пробаат системот за да видат дали може да работи и со овој енергенс, бидејќи во минатото работел на мазут кој е еколошки многу понеподобен.

„Тоа го правиме за да бидеме сигурни дека во целост ќе можеме да ги задоволиме потребите со топлинска енергија во подоцниот период на грејната сезона или во наредните сезони и доколку има проблеми со набавка на природен гас“, вели Ковачевски.

ЕСМ набави природен гас за топланите Исток и Запад до 15 ноември, но откак ЕСМ ги презема топланите под закуп од АД Адора, започнато е да се подготвуваат да можат да работат и на алтернативно гориво како втора варијанта, а тоа е дизел горивото во случај да го нема природниот гас или да има екстремно висока цена, вели Ковачевски.

Директорот на ЕСМ исто така рече дека во период кога функционира приватната гасна когенеративна електрана ТЕ-ТО се добиваат околу 60 проценти од потребната топлинска енергија за топлификацискиот систем во Скопје, а останатите 40 проценти ги обезбедуваат топланите Исток и Запад.

„Префрлувањето ќе биде за не повеќе од 24 часа, но тоа не значи дека во тој период граѓаните на Скопје ќе останат без топлинска енергија. Прво едната топлана ќе се префрла на дизел, а потоа другата, но при тоа најголем дел од топлинската енергија во континуитет ќе се добива од ТЕ-ТО и нема да има намалена испорака на топлинска енергија“, вели Ковачевски.

Префрлањето на друг енергенс, како што рече, се прави за да се осигураат како компанија, но и граѓаните да бидат сигурни дека ќе има парно греење без оглед какви ќе бидат околностите во наредниот период во делот на испорака на природниот гас.