Нападната граничната полиција во Зубин Поток

Еден од граничните премини меѓу Србија и Косово, Јариње, септември 2022 година, илустративна фотографија

Косовската полиција денеска соопшти дека е пукано во граничната полициска станица во селото Јасеновиќ, на територијата на општината со српско мнозинство Зубин Поток.

Според соопштението, нападот се случил во средата вечерта, кога полицијата слушнала два истрели по ред.

„Надлежната полициска единица пронајде чаури од куршумот што ја погодил полициската станица за гранична контрола во Јасеновиќ“, се вели во соопштението.

Се додава дека Управата за борба против тероризам води истрага поради сомнение дека е извршен терористички акт.

Ова не е прв напад врз припадници на полицијата на северот на Коосво, а властите за тоа ги обвинуваат „криминалните групи“.

Министерот за внатрешни работи Џељаљ Свечља претходно изјави дека „илегалните групи на северот на Косово имаат заштита и јавна поддршка од одредени српски структури“.

Сепак, тие напади претходно ги осудија претставниците на Српската листа, водечката партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград, како и српските власти, наведувајќи дека тие не можат да бидат поврзани со Србија.