Шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина денеска на самитот на Берлинскиот процес потпишаа три договори, чија цел е регионална интеграција и слободно движење на граѓаните на Западен Балкан. Станува збор за договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.
Во Берлин самит на Берлинскиот процес за Западен Балкан
Договорот за признавање на личните карти ги олеснува условите за патување со поедноставување на административните процедури за влез, транзит и краток престој само со лична карта, обезбедува еднаков третман за сите граѓани од регионот и ги укинува сите постоечки визи во Западен Балкан. Со договорот за признавање на универзитетските дипломи се воспоставуваат заеднички правила и процедури за признавање на високообразовните квалификации, се овозможува мобилност на студентите и академскиот кадар на Западен Балкан, се скратува периодот за донесување одлука за признавање на најмногу 14 дена и ги укинува постојните давачки за студенти за поднесување барања за признавање на високообразовните квалификации.
Вработувањата преку „Отворен Балкан“ заглавени во македонското Собрание
Овој договор се однесува на државните универзитети и постепено ќе се проширува и на приватните. Договорот за признавање на професионалните квалификации го олеснува движењето на професионалците низ регионот и овозможува обезбедување услуги на лекари, стоматолози и архитекти во Западен Балкан. Овој документ создава и основа за преговори за преостанатите четири регулирани професии (акушерки, медицински сестри, фармацевти и ветеринарни хирурзи) во наредниот период. По двегодишни преговори, договорите беа одобрени од министрите за надворешни работи на шесторката од Западен Балкан на состанокот организиран од германската влада на 21 октомври како дел од Берлинскиот процес.
Шолц: време е да се надминат внатрешните конфликти во Западен Балкан
Германскиот канцелар Олаф Шолц на почетокот на денешниот самит изјави дека договорите се исклучително важни за интеграција на заедничкиот регионален пазар и градење интегрирана заедничка иднина без внатрешни граници.