Вучиќ: не можеме да дозволиме некој да ја шпионира нашата армија

Српскиот претседател Александар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека Србија не е во конфликт со никого, но дека не може да дозволи некој да ги шпионира нејзините вооружени сили. По повод вчерашното соборување на беспилотно летало над воените објекти кај Рашка, Вучиќ изјави дека не е првпат вакво летало да биде забележано над касарната на Вооружените сили на Србија. „Ги забележавме неколку дена претходно, а потоа ги предупредивме. Овој вид на извидување и незаконско разузнавање претставува еден вид агресија врз суверена земја“, им рече Вучиќ на новинарите на полигонот „Пасуљанска ливада“ во близина на Ќуприја, каде што се одржа дел од заедничката вежба „Маневри 2022“.

Српската војска собори комерцијален дрон во подрачјето на Копаоник

„Тие користат комерцијални дронови, мислејќи дека на овој начин нема да се утврди кој е сопственик и сторител на незаконски дејствија. Се друго лесно би се утврдило врз основа на воените елементи на кои им припаѓа. Мислам дека целиот свет знае кој што направил во Балтичкото Море во врска со Северен тек, па сите се прават наивни. Да се правиме и ние наивни“, рече Вучиќ. Тој додаде дека дронови на НАТО Skylark „вчера цел ден летаа околу Брњак и Јариње“.