Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, на почетокот на Самитот на Берлинскиот процес, што на покана на германскиот канцелар Олаф Шолц се одржува во Берлин на Твитер напиша дека е добро е да се видат сите партнери од Западен Балкан во Берлин, една седмица по нејзината посета на регионот. „Тука сме за да ја продлабочиме економската соработка. Почнувајќи од енергетиката. Нашиот пакет од една милијарда евра помош за Западен Балкан ќе ни помогне да ја обликуваме заедно нашата заедничка енергетска иднина“, наведува Фон дер Лајен во објавата на Твитер. Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски учествува на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во рамките на Самитот за Берлински процес.
Шолц: време е да се надминат внатрешните конфликти во Западен Балкан
Предвидено е на самитот да се одржат неколку сесии на кои премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, БиХ, Косово, Србија и Црна Гора, ќе дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања. За време на Самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите по медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти меѓу земјите во регионот.