Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Берлин изјави дека сите земји од Западен Балкан се дел од слободна и демократска Европа и дека заедничка работа на Европската унија и регионот е да ја трансформираат европската иднина што им беше ветена во реалност. На отворањето на самитот во рамките на Берлинскиот процес, Шолц рече дека денешната средба е можност да се разговара за многуте предизвици со кои се соочува Западен Балкан.
Баербок: „Пробив“ на Западен Балкан на патот кон ЕУ
Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон Европската унија. Според него, во моментот на бруталната војна на Русија против Украина, време е да се надминат внатрешните конфликти. Шолц додаде дека важно прашање ќе биде енергетската безбедност, за што, како што рече, на 24 октомври на состанокот на Берлинскиот процес, разговарале и министрите за енергетика.
Претставници на Западен Балкан постигнаа договор во Берлин за усогласување на визниот режим со ЕУ
Тој повтори дека на 20 октомври, во форматот на Берлинскиот процес, министрите за внатрешни работи разговарале за исто така важното прашање за илегалната миграција и шверцот на луѓе. Велејќи дека денес ветувањата за Западен Балкан се даваат со чувство на итност, Шолц нагласи дека граѓаните од регионот можат да сметаат на Германија и на Берлинскиот процес. На самитот, кој се одржува на покана на Шолц, присуствуваат шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, претставници на земјите од ЕУ кои се членки на Берлинскиот процес, претседател на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел како и претставници на меѓународни организации.