Напади на руските сили беа пријавени денеска низ големи области на Украина, при што силното гранатирање во бројни региони ја оштети инфраструктурата, вклучително и снабдувањето со електрична енергија на најголемата нуклеарна централа во Европа, соопштија украинските власти. Нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина повторно е исклучена од електричната мрежа откако руското гранатирање ги оштети преостанатите високонапонски водови, оставајќи ѝ само дизел генератори, соопшти украинската нуклеарна компанија Енергоатом. Нуклеарката, која е во руски раце, но управувана од украински работници, има гориво за 15 дена за работа на генераторите, соопшти Енергоатом.
Нови напади со беспилотни летала во источна и централна Украина
Руски напади беа пријавени и во Кривиј Рих, во централна Украина, и во Суми и Харков, на североисток. Тешки борби се во тек во источните региони Луганск и Доњецк. „Непријателот се обидува да ги задржи привремено заземените територии, концентрирајќи ги своите напори на ограничување на дејствата на одбранбените сили во одредени области“, соопшти денеска Генералштабот на Украина. Русија соопшти дека таргетирала инфраструктура како дел од, како што ја нарекува, својата „специјална воена операција“ за деградирање на украинската војска и отстранување, како што вели, потенцијална закана за безбедноста на Русија.