Политика и бодликави жици

ИРАН - Во иранските градови продолжуваат антивладините протести и покрај предупредувањето од властите да прекинат демонстрациите. Видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат протести во различни градови во Иран. Во земјата во средината на септември започнаа протести по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор.

САД / РУСИЈА / СЕВЕРНА КОРЕЈА - Соединетите Американски Држави имаат информации кои укажуваат дека Северна Кореја тајно ја снабдува Русија со „значителен“ број артилериски гранати за нејзината војна во Украина, изјави во средата портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

АЛБАНИЈА - Албанскиот премиер Еди Рама денеска го осуди Лондон поради изјавите кои ги оцени како дискриминаторски кон Албанија, откако британски функционери ги посочија неговите сонародници во врска со нелегалната миграција во Велика Британија.

МАКЕДОНИЈА - Скопската полиција денеска привела едно лице со иницијали Н.Н., поради сомнение за поврзаност со заканите за поставени бомби во училишта во Скопје. Полицијата не ја соопшти возраста на уапсениот.

ЦРНА ГОРА - Собранието на Црна Гора му ги ограничи уставните надлежности на претседателот Мило Ѓукановиќ. Претседателот повеќе нема да може да назначува и да отповикува амбасадори и да предложува мандатар за состав на влада. Со измените, сега мандатар за состав на влада ќе бира парламентарното мнозинство, а овластувањата за амбасадорите се префрлаат на Владата.

СРБИЈА - Министерството за одбрана на Србија соопшти дека во среда на 2 ноември српската војска собори комерцијален дрон на широкото подрачје на Копаоник.

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Македонското Министерството за надворешни работи (МНР) денеска соопшти дека ќе биде упатена формална вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија поради изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ Костадин Костадинов. Тој од собраниска говорница во бугарскиот Парламент рече дека неговата партија пред институциите на ЕУ ќе преземе чекори, што државата не ги прави, за да стане јасно дека „Македонија е бугарска, отсекогаш била и ќе биде.

МАКЕДОНИЈА - Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека едногласно е потврдена одлуката за штрајк во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“- Скопје. Од синдикатот бараат в.д. директорот на јавното претпријатие Маријанчо Митовски да си замине од функцијата.

МАКЕДОНИЈА - Собранието ги донесе измените на Законот за здруженија и фондации и Законот за политички партии, со кои се осудува промовирањето на фашизам и нацизам. И двата закони се донесоа по скратена постапка. Измените на Законот за здруженија ги поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ по отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности.

МАКЕДОНИЈА - Оставка поднеле директорката на Детската клиника, доктор Аспазија Софијанова и директорот на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, доктор Никола Васев, на барање на министерот за здравство Беким Сали, информираше Министерството за здравство.

ПОЛСКА - Полска привремено ќе подигне бодликава жица висока два и пол метри на границата со Русија, што, како што изјави денеска министерот за одбрана Мариуш Блашчак, е реакција на отворањето на Калининградската област за летови од Блискиот Исток и Северна Африка.