Македонското Министерството за надворешни работи (МНР) денеска соопшти дека ќе биде упатена формална вербална нота до Министерството за надворешни работи на Бугарија поради изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ Костадин Костадинов.
Тој од собраниска говорница во бугарскиот Парламент рече дека неговата партија пред институциите на ЕУ ќе преземе чекори, што државата не ги прави, за да стане јасно дека „Македонија е бугарска, отсекогаш била и ќе биде.
„Македонија е Бугарија. Бугарија е Македонија, да живее Бугарија“, рече Костадинов.
МНР информираат дека и претходно веќе реагирале на изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија „Преродба“ и побарале надлежните институции и политичките претставници во Бугарија да се оградат и да го осудат говорот на омраза во кој се содржат и територијални претензии.
„Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи, туку и пораки кои не се ниту во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатлантско сојузништво“, соопшти МНР.