Во иранските градови продолжуваат антивладините протести и покрај предупредувањето од властите да прекинат демонстрациите.
Видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат протести во различни градови во Иран. Во земјата во средината на септември започнаа протести по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор.
Локалните извор објавија дека имало антивладин собир во западниот ирански град Санандај, каде што луѓето извикувале „Смрт за диктаторот“, мислејќи на врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи.
Протестите се одржаа и покрај предупредувањето од командантот на Исламската револуционерна гарда на Иран, Хосеин Салами, кој им порача на Иранците дека 29 октомври е „последниот ден на немирите“.
Од смртта на Амини на 16 септември, илјадници луѓе демонстрираа низ целата земја против свештеничкиот естаблишмент.
А на социјалните мрежи продолжуваат да се појавуваат видеа кои покажуваат доказ за насилниот одговор на владата на протестите.
Групата „Иран за човекови права“ со седиште во Осло соопшти дека владините сили за време на протестите убиле најмалку 277 луѓе, вклучително и 40 деца.