Сојузот на Синдикати на Македонија (ССМ) соопшти дека едногласно е потврдена одлуката за штрајк во Јавното претпријатие „Водовод и канализација“- Скопје. Од синдикатот бараат в.д. директорот на јавното претпријатие Маријанчо Митовски да си замине од функцијата.
Според ССМ тој е неспособен да ги менаџира состојбите во претпријатието и веќе втор ден ги оставил вработените во претпријатието без здравствено осигурување, со што не може да ги користат тие услуги.
Од Синдикатот изминатите денови апелираа дека Митовски не смее да раководи со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје поради тоа што, како што се наведува, не ги исполнува условите и поради тоа што не е способен навремено да ги менаџира активностите во претпријатието.
Потсетуваат дека против него има правосилна судска пресуда за физички напад со ладно оружје со затворска казна, како и специјалистички извештај од невропсихијатар.
Претходно лидерот на Сојузот на синдикати Дарко Димовски изјави дека штрајкот би значел дека вработените нема да ги извршуваат своите работни задачи, односно дека нема да има кој да ги поправа дефектите и поради тоа Скопје ќе нема вода.
Ефектите од штрајкот на работниците на крајот повторно ќе ги почувствуваат граѓаните, кои пак според закон, имаат неприкосновено право на пристап до вода.
Од здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ за РСЕ, велат дека комуналните претпријатија се должни да им обезбедат услуги на нивните корисници. Оттаму порачуваат политиката да се остави настрана и да не се злоупотребуваат граѓаните за остварување на политички поени.