Државната каса за следната година ќе тежи 5,3 милијарди евра. Владата очекува постепено стабилизирање на инфлацијата и за 2023 се прогнозира стапката на инфлација да изнесува 7,1 процент.
Просечната годишна инфлација досега е 12,4 отсто, а инфлацијата во септември, во однос на септември минатата година е 18,7 отсто.
За следната година Владата предвидува економски раст од 2,9 проценти на домашната економија.
Предлог-буџетот за 2023 година денеска беше усвоен на седница на Владата.
За следната година Владата очекува да собере повеќе приходи, но и да има повеќе расходи. Буџетската дупка е планирана на речиси 700 милиони евра или 4,6 проценти од Бруто домашниот производ.
Догодина државата ќе се задолжи за нови над 1,5 милијарди евра, најмногу ќе се зајмува од странство.
Надворешниот долг се очекува да биде под 60 проценти.
Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на прес-конференција рече дека целта им е да се одржи економскиот раст, да се извршат редовно сите обврски на државата и да се поддржат реформите и евроинтегративните процеси.
„Во услови на криза на глобално ниво, подготовката на буџетот останува предизвик за секоја држава. На глобално ниво економијата ќе има забавен раст, а истото се однесува и за растот на економијата на Европската унија која се очекува да биде 3,2 проценти оваа година, а следната 0,7 проценти. Тоа се одразува и на динамиката на раст на нашата економија“, рече Бесими.
Буџетот за следната година, како што рече Бесими, ги содржи клучните елементи на среднорочната фискална политика, односно заложбата за постепена фискална консолидација, одржување на макроекономската стабилност и забрзување на економскиот раст.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, реагираа дека станува збор за најгломазен буџет досега и за дефицит кој е надвор од сите рамки на одржливост.
„Предлог Буџетот од 5.3 милијарди евра е економски колапс за Македонија со вакви лоши економски показатели. Дополнително дефицитот кој е проектиран на скоро 5 отсто од БДП е опасност за економијата и одржливоста на системот. И сето тоа во услови кога растот на економијата е само 2.9 процети“, соопшти ВМО-ДПМНЕ.
За следната година Владата планира капиталните расходи од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори – буџетски средства, ИПА фондови и заеми.