Полска привремено ќе подигне бодликава жица висока два и пол метри на границата со Русија, што, како што изјави денеска министерот за одбрана Мариуш Блашчак, е реакција на отворањето на Калининградската област за летови од Блискиот Исток и Северна Африка. „Во врска со ова, денеска веќе започнува работата за подигнување на привремена ограда од три реда жица што ја користат армиите ширум светот. Тоа ќе биде истата ограда што е на граница со Белорусија, висока 2,5 метри, широка три метри“, изјави Блашчак на прес-конференција во Варшава. Блашчак потсети дека ваквата ограда на границата со Белорусија ја запрела источната рута по која мигрантите се обидувале преку Полска да стигнат до западните земји на Европската унија.
Полска ја заврши изградбата на ѕид на границата со Белорусија
„Нема сомнеж дека оваа привремена ограда ја заштити нашата граница, но и спречи или забави хибриден напад од Белорусија“, рече Блашчак. Одлуката на полската влада да подигне ограда на границата со Русија е донесена поради веста дека аеродромот во Калининград од 1 ноември ќе биде отворен за летови од пријателските земји на Москва, што некои воени аналитичари го оценија како обид за внесување мигранти од Блискиот Исток и да предизвикаат бегалска криза на руско-полската граница. „Мораме да направиме се за да пропадне оваа хибридна војна преку злоупотреба на илегални мигранти“, изјави во вторникот генералниот секретар на владејачката партија Право и Правда, Кшиштоф Соболевски.