Руските сили изутрината лансираа самоубиствени беспилотни летала на цели во источна и централна Украина, објави украинската воздушна одбрана, наведувајќи дека шест беспилотни летала биле соборени во источна Украина, а уште шест биле уништени во централниот дел на земјата. Русија со недели ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура и цивилни цели со ракетни, беспилотни летала и артилериски напади во време на украинска контраофанзива која ги избрка руските војници од североистокот и ги врати назад на исток и југоисток.
Во Киев е обновено снабдувањето со вода и струја по руските напади
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, денеска изјави дека властите во главниот град подготвуваат повеќе од 1.000 грејни точки низ градот во случај неговиот систем за централно греење да биде оневозможен поради континуираните руски напади. Снабдувањето со вода и електрична енергија беа целосно прекинати со часови во Киев пред да бидат обновени вчера, но властите предупредија дека рационализирањето на електричната енергија ќе продолжи да биде неопходно во главниот град. Нападите со проектили и беспилотни летала оштетија најмалку 40 насто од енергетската инфраструктура на Украина. Девет региони се соочуваат со прекини на струја, соопштија властите.