Извозот на жито од три украински пристаништа, овозможен според договорот постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција, ќе престане денеска откако Москва се повлече, соопштија украинските власти. Русија деновиве објави дека се повлекува од договорот, обвинувајќи ја Украина за злоупотреба на хуманитарниот бродски коридор формиран според договорот, по нападот врз руски бродови на Крим. Киев го отфрли ова како „лажен изговор“ за повлекување од договорот.
Путин: Русија го суспендираше, не го заврши своето учество во договорот за извоз на храна
Договорот со посредство на Турција и ОН е од клучно значење за ублажување на глобалната криза со храна и обезбедување храна за луѓето во сиромашните земји во Азија и Африка. Турција ги засили дипломатските напори за негово спасување.
Путин му порачал на Ердоган дека сака „вистински гаранции“ од Киев за договорот за житото
Во вчерашниот телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател Владимир Путин побара „реални гаранции“ од Киев дека „нема да го користи хуманитарниот коридор за воени цели“. Путин, исто така, рече дека продолжувањето на договорот може да се случи само откако ќе ги добие овие гаранции и по „темелна истрага“ за наводниот напад врз нејзините бродови во кримското поморско пристаниште Севастопол. Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс ја обвини Русија дека одлучила да го остави светот во развој да гладува.