Премиерот Димитар Ковачевски ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, што ќе се одржи в понеделник, на 7 ноември, во Собранието на Република Северна Македонија, соопштија од владиниот кабинет.
Целта на средбата, според владиното соопштение, е отворање дискусија за европската иднина на земјата, како и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консезус.
- БЕСА ги кани партиите на Албанците на лидерска средба за уставните измени и формулацијата за јазикот
Поканата до претседателите на парламентарните политички партии ќе биде испратена во текот на утрешниот ден, стои во соопштението.
Претходно од партијата БЕСА најавија покана до партиите од албанскиот блок за за уставните измени, односно промена на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“.
Македонија ќе треба да донесе уставни измени ако сака да ги продолжи преговорите за влез во Унијата, ама само во делот за да ги внесе Бугарите во преамбулата како државотворен народ. Ова беше поставено како услов за соседната држава да го тргне двегодишното вето за отворање на преговорите за влез во ЕУ.