Путин му порачал на Ердоган дека сака „вистински гаранции“ од Киев за договорот за житото

Илустративна фотографија, средба на лидерите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин

Рускиот претседател Владимир Путин му порачал на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган дека сака „вистински гаранции“ од Киев пред потенцијално повторно да се приклучи на договорот за житото.

Како што јави АФП, Путин во денешниот телефонски разговор му рекол на Ердоган дека Русија бара „вистински гаранции од Киев за строго почитување на Договорот од Истанбул, особено за некористење на хуманитарниот коридор за воени цели“, се наведува во соопштението на Кремљ.

Договорот постигнат со посредство на Турција и Обединетите нации (ОН) дозволи украинскиот извоз на жито да продолжи во август, олеснувајќи ја кризата со храна предизвикана од руската агресија врз Украина.


Русија претходно ја обвини Украина за злоупотреба на безбедниот транзитен коридор за жито за да ги нападне руските бродови на Крим и го суспендираше своето учество во договорот.

Путин му рекол на Ердоган дека „неопходно е да се спроведе темелна истрага за околностите на инцидентот“ против Црноморската флота.

„Дури потоа ќе може да се разгледа прашањето за продолжување на работата во рамките на договорот“, се вели во соопштението на Кремљ.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 1 ноември по втор пат во два дена разговараше за договорот и со неговиот турски колега Хулуси Акар, соопшти руското Министерство за одбрана.

Украина рече дека тврдењето на Русија е „лажен изговор“ за повлекување од договорот.

Повеќе товарни бродови ги напуштија украинските пристаништа на 1 ноември и покрај тоа што Русија еден ден претходно предупреди дека е „поризично и поопасно“ да се продолжи извозот без учество на Русија.