Повторно насликан муралот со Марџ Симпсон како ја сече косата, во близина на иранскиот конзулат во Милано

Муралот на Марџ Симпсон во Милано

Мурал на кој ликот од цртаната серија Симпсонови, Марџ Симпсон, ја потстрижува косата во знак на солидарност со Иранките, повторно се појави на ѕидот пред генералниот конзулат на Техеран во Милано за помалку од еден месец откако беше отстранет од „непознати агенти“.

Италијанскиот уметник Алекссандро Паломбо за Радио Фарда дека новото дело се вика „Рез 2“ и е дизајнирано и насликано откако „Рез 1“ беше отстранет од ѕидот за помалку од 24 часа по неговото создавање. Додека на двата мурали се гледа како Марџ ја сече косата, таа е забележливо полута во вториот мурал, каде го покажува средниот прст.

„Секоја акција има реакција, а оваа втора слика беше моја реакција“, изјави миланскиот уметник.

„Иран е земја која отсекогаш ме инспирирала поради нејзината извонредна убавина и за мене е неприфатливо да гледам како се угнетувани Иранците. Слободата на овие млади луѓе е моја слобода“, додаде тој.

Жените кои си ја стрижат косата станаа симбол на протестите што го зафатија Иран по смртта на 22-годишната Махса Амини, која почина во полициски притвор на 16 септември. Многу жени - вклучително и познати личности и феминистки ширум светот - си ги отсекуваа прамените од косата во знак на солидарност со демонстрантите во Иран.

Чинот е моќен симбол бидејќи се споменува во Шахнаме, ирански еп стар 1.000 години и еден од главните културни основи на Иран. Книгата е едно од најважните литературни дела на персиски јазик, а според ова дело, жените ја потстрижуваат косата во знак на жалост.

Паломбо рече дека не знае кој го отстранил првиот мурал, но кога бил откриен вториот, членовите на генералниот конзулат излегле и се обиделе да ги спречат фотографите да го документираат.

„Нивното однесување воопшто не беше пријателско“, рече тој.

„Уметноста го плаши режимот (Исламската република), но градот Милано е во демократска земја и нема да дозволиме никој да не плаши, и токму на тоа се обидов да ги потсетам“, рече тој.

Во интервју за Радио Фарда, италијанскиот уметник рече дека неговите баба и дедо биле убиени за време на италијанската диктатура и дека иранските демонстранти мора да бидат силни.

„Порано или подоцна овој режим ќе падне и вашата храброст ќе ве доведе до светлината на денот“, додаде тој.