Поранешниот НБА играч Владе Дивац доби црногорски пасош

Претседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, му подарува црногорски пасош на НБА ѕвездата Владе Дивац

Познатиот кошаркар и НБА ѕвезда, Владе Дивац доби црногорско државјанство. Црногорскиот пасош му беше врачен лично од техничкиот премиер Дритан Абазовиќ на церемонијата на 1 ноември.

„Ни претставува голема чест и задоволство што имаме можност да му подариме црногорски пасош на една легенда на светската кошарка, како што е Владе Дивац“, изјави Абазовиќ.

Владе Дивац беше еден од првите Европејци кои заиграа во НБА. Со репрезентацијата на Југославија освои две светски првенства во кошарка, три европски првенства и два сребрени медали на Олимписките игри.

Законот за црногорско државјанство предвидува дека лицето може да стекне црногорско државјанство доколку неговиот прием е „од посебно значење за државните, научните, економските, културните, економските, спортските и другите интереси на Црна Гора“.

Од обновувањето на независноста на Црна Гора, во просек, државата доделува меѓу 20 и 40 почесни државјанства годишно. Меѓутоа, во 2020 година на странци им биле доделени 131 почесно државјанство, што е шест пати повеќе од бројот на државјанства доделени претходната година (2019), кога биле доделени 22 почесни државјанства.

Дивац ја заврши својата НБА кариера во 1998 година и сега поминува голем дел од своето време во Црна Гора, каде што вели дека се наоѓаат корените на неговото семејство.