Русија регрутира авганистански војници за борби во Украина

АВГАНИСТАН - Војник на авганистанската армија, 27 декември 2017 година

Руската армија за борби во Украина регрутира припадници на специјалните единици на авганистанската армија, изјавија тројца поранешни авганистански генерали за „Асошиејтед прес“ во понеделникот, 31 октомври.

Како што тврдат, станува збор за припадници на авганистанската армија кои се бореле „рамо до рамо“ со американски војници и побегнале во Иран по повлекувањето на Соединетите Американски Држави од Авганистан минатата година.

Според нив, Русите сакаат да привлечат илјадници поранешни авганистански командоси во „својата легија на странци“ со понуди за стабилни плати од 1.500 долари месечно.

Ветувањата се, исто така, безбедно засолниште за нив и нивните семејства да избегнат депортација во Авганистан - од рацете на владејачките талибанци, што многумина веруваат дека би значело смрт за нив.

„Тие не сакаат да се борат, но немаат избор“, рече еден од генералите, Абдул Раоф Аргандивал, додавајќи дека десетици авганистански командоси сега во Иран, со кои тој комуницира преку пораки, најмногу се плашат од депортација.

Инвазијата на Путин врз Украина ја направи дипломатијата „невозможна“

„Ме прашуваат, ми велат: „Ајде, дај ни решение“. Што да правиме? Ако се вратиме во Авганистан, Талибанците ќе не убијат“.

Аргандивал рече дека регрутирањето на Авганистанците го вршат членови на руската платеничка група Вагнер.

Друг поранешен генерал, Хибатула Ализаи, последниот началник на Генералштабот на Авганистан пред преземањето на талибанците, рече дека поранешен командант на авганистанските специјални сили кој живеел во Русија и знае руски помага при регрутирањето.

Во извештајот на републиканските членови на американскиот Конгрес, објавен во август, посебно се предупреди на опасноста авганистанските командоси да пренесат информации за американската воена тактика на Иран, Русија или групата Исламска држава - или дури и да почнат да се борат за нив.