Дванаесет бродови со жито тргнаа од украинските пристаништа и покрај повлекувањето на Русија од договорот за извоз

Житото се товари на товарни бродови во црноморското пристаниште Одеса, Украина

Бродови со рекордни 354.500 тони земјоделски производи ги напуштија украинските пристаништа на 31 октомври согласно Црноморскиот договор за жито, изјави портпаролот на воената администрација на Одеса и покрај повлекувањето на Русија од договорот постигнат со посредство на Обединетите нации, кој и овозможи на Украина да извезува жито.

Обединетите Нации (ОН) соопштија дека се договориле со Украина и Турција за планот за движење на 16 бродови на 31 октомври - 12 од украинските пристаништа и четири влезни и првата од 40-те планирани инспекции на бродови била завршена во водите на Истанбул.

Овојпат инспекцијата ја извршил само тим членки на ОН и Турција, а не како досега тим составен од претставници на Украина и Русија, изјави портпаролот на ОН.

Министерот за инфраструктура Олександр Кубраков потврди дека 12 бродови ги напуштиле украинските пристаништа според договорот.

„Денес 12 бродови ги напуштија украинските пристаништа. Делегациите на ОН и Турција обезбедуваат 10 инспекциски тимови за проверка. Овој план за инспекција е прифатен од украинската делегација. Руската делегација е информирана, “, напиша Кубраков на Твитер.

На 29 октомври, Русија го суспендираше своето учество во договорот „на неодредено време“ тврдејќи дека повеќе не може да „ја гарантира безбедноста на цивилните бродови“ што пловат според договорот по наводниот напад со беспилотни летала врз нејзината флота.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, еден од главните архитекти на договорот, на 31 октомври рече дека Турција е „решена“ да продолжи со напорите да го одржи договорот за жито со Украина и покрај тоа што Русија го прекина своето учество.

„Иако Русија изгледа колеблива, ние ќе продолжиме со нашите напори да му служиме на човештвото“, рече Ердоган во телевизиско обраќање.

Ердоган: Турција ќе продолжи со напорите за договорот за жито

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, пак е „длабоко загрижен“ и сака да го спаси договорот, остварувајќи интензивни контакти за да се поништи суспензијата на договорот, изјави портпаролот на ОН на 30 октомври, но без да соопшти детали.

Во меѓувреме, САД го обвинија Кремљ дека користи храна како оружје во инвазијата врз Украина, а американскиот претседател Џо Бајден одлуката на Москва ја нарече „безобразна“.