Забавниот парк „Дизниленд“ во Шангај ги затвори вратите, не дозволувајќи им на посетителите внатре да излезат, поради строгата политика на Кина за нулта ковид.
На посетителите им било кажано дека нема да им биде дозволено да го напуштат забавниот парк додека не приложат негативен ковид тест, откако Шангај во саботата пријави 10 случаи на локална трансмисија на вирусот.
Контроверзната политика на Кина за нулта ковид веќе доведе до тоа милиони луѓе постојано да бидат затворени, понекогаш на необични локации.
Сепак, оние што останаа заробени во Дизниленд можат да се утешат во една работа: возењата продолжуваат да функционираат за оние кои се заробени во „најсреќното место на Земјата“, јавува Би-Би-Си.
Покрај забавниот парк, околните области како што е шопинг улицата, исто така, беа ненадејно затворени. На видеата објавени на кинеската веб-страница „Веибо“ се гледа како луѓето брзаат кон портите на паркот по објавата, но тие веќе биле заклучени.
Шангај ја продолжува политиката на „нулта ковид“, СЗО вели дека тоа е неодржливо
Затворањето доаѓа само два дена откако паркот почна да работи со намален капацитет за да се усогласи со антиковид мерките. Ова не е прв пат паркот неочекувано да се затвори. Минатиот ноември, 30.000 луѓе беа заробени внатре откако властите наредија сите да бидат тестирани како дел од следењето на контактите.
Речиси три години откако Кина го пријави својот прв случај на коронавирус, властите ширум земјата продолжуваат да наметнуваат ненадејни и екстремни мерки во обид да го спречат секое пренесување на вирусот.