Премиерот Димитар Ковачевски го повтори ставот дека предвремени избори нема да има и дека изборите ќе се одржат во редовниот термин во 2024 година.
„Во овој момент државата е исправена пред огромна економска и енергетска криза, меѓутоа пред нас е и процесот на скрининг со ЕУ така што сите ресурси на државата и сите капацитети, во Собранието, во Владата, меѓутоа и надвор од нив, академијата, невладините организации, сите треба да бидеме фокусирани и да ја насочиме енергијата кон што побрзо завршување на скрининг фазата и кон што подобро справување со енергетската и економската криза во интерес на граѓаните. Така што во овој момент избори не се приоритет“, рече Ковачевски.
Џафери: „Нема потреба од предвремени избори“
Изјавата на премиерот доаѓа откако лидерот на Демократски сојуз - Павле Трајанов, неговиот коалициски партнер, во интервју за весникот „Фокус“рече дека е доколку се постигне договор за предвремени избори во април или мај следнава година, ако има 60 пратеници „за“, тој би бил 61-от.
„Тоа е добро и за СДСМ и за претседателот Ковачевски, за да добие легитимитет. Бидејќи еден од главните напади од политичките противници и критичарите е дека тој не бил на избори. Засега нема некое посебно расположение кај СДСМ и ДУИ за предвремени избори. Но, ќе видиме дали состојбите ќе наметнат услови сепак да се организираат предвремени избори“, изјави Трајанов.