Русија изутрината лансираше „повеќе од 50 крстосувачки ракети“ во нов голем напад врз енергетската инфраструктура на Украина, соопштија украинските воздухопловни сили. „Повеќе од 50 крстосувачки ракети од типот Х-101/Х-555 беа лансирани со авиони“ Ту-95 и Ту-160 од северот на Каспиското Море и од руската област Ростов, се вели во соопштението објавено на Телеграм. Украинските власти претходно известија дека утринава биле извршени голем број руски ракетни напади врз важни инфраструктурни објекти во Киев, Харкив и други украински градови.
Серија експлозии во Киев и други украински градови
Како резултат на нападот, дел од главниот град на Украина остана без струја и вода, изјави градоначалникот на Киев Виталиј Кличко. Денешните руски напади доаѓаат два дена по нападот со беспилотни летала врз руската флота на Крим, за кој Москва смета дека го извршила Украина со помош на Британија. По нападот на руската флота, Русија го суспендираше учеството во договорот за извоз на украинско жито постигнат летово.