Министерот за економија Крешник Бектеши на прес-конференција по денешната владина седница изјави дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи и од 1 ноември ќе имаат парно. Според него, ЕСМ веќе склучила договор за набавка на природен гас за топланите, а за подетални информации упати на акционерското друштво.
„Склучен е договор од страна на ЕСМ за набавка на природен гас. Ќе работи дополнително и ТЕТО која ќе покрива 60-70 проценти од потребите на топлинската енергија. Пропаднаа во вода кажувањата на одредени енергетски екссперти дека требаше уште пред два-три месеца да направиме договори кога цената на природниот гас беше од 3000 до 4000 евра за нормален метар кубен“, изјави Бектеши, додавајќи дека цените на набавениот природен гас се двојно пониски од овие што ги кажувале експертите.
АД ЕСМ претходно соопшти дека од „Макпетрол“ ќе ги набави неопходните количини на природен гас за работа на топланите во ноември. Како што информираат од компанијата, на тендерот за набавка на гас добиле официјална понуда само од Макпетрол поради што се одлучиле гас за ноември да набават од македонската компанија.