Над 100 жртви во бомбашки напади во Сомалија

Разрушен објект по бомбашките напади во Сомалија

Претседателот на Сомалија, Хасан Шеик Мохамуд изјави дека најмалку 100 луѓе вчера биле убиени во два напади со автомобил-бомби во главниот град на земјата, Могадишу. Тој денеска од местото на бомбашките напади на фреквентна патна раскрсница додаде дека речиси 300 луѓе биле повредени.

„Ги замолуваме нашите меѓународни партнери и муслиманите ширум светот да ги испратат своите лекари овде, бидејќи не можеме да ги испратиме сите жртви надвор од земјата на лекување“, рече Мохамуд.

Терористичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, ја презеде одговорноста за нападите, велејќи дека е насочена кон Министерството за образование за наводно добивање поддршка од немуслимански земји.

Мохамуд и други високи претставници се состанаа во Могадишу за да разговараат за проширените напори за борба против насилниот екстремизам и групата Ал Шабаб.

Соединетите Држави ја опишаа Ал Шабаб како една од најсмртоносните групи на Ал Каеда и ја таргетираа групата со бројни воздушни напади во последниве години. Американскиот воен персонал се врати во Сомалија откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече во 2020 година.

Нападите се случија на истото место каде што повеќе од 500 луѓе беа убиени од камион-бомба во 2017 година.